2 Chronicles 2
1 И собра Соломон седумдесет илјади носачи и осумдесет илјади каменоделци во горите и надгледници над нив — три илјади и шестотини.
2 Тогаш Соломон испрати гласници да му кажат на тирскиот цар Хирам: „Како што правеше со татко ми Давид и му испраќаше кедар, за да си изгради дом за живеење, така направи и со мене.
3 Еве, јас градам дом на името Господово, мојот Бог, да го посветам Нему, за да се кади пред Него миризливо кадиво, да се поставуваат постојано приносни лебови и да се принесуваа таму сепаленици наутро и навечер, и во саботите, новомесечијата и празниците на Господ, нашиот Бог, што му е заповедано засекогаш на Израел.
4 Домот, што го градам, ќе биде голем, зашто голем е нашиот Бог, погоре е од сите богови.
5 Та кој може Нему да Му изгради дом, кога небото и небесата над небесата не можат да ја соберат Неговата слава? И кој сум јас, па да можам да Му изградам дом, освен за кадење пред лицето Негово?
6 Па така, испрати ми сега човек, што знае да прави изработки од злато, од сребро, од бакар и од железо и од пурпурна, црвена и сина преѓа и кој знае да реже, за да работи заедно со уметниците, какви што има во Јудеја и во Ерусалим, а кои ги приготви татко ми Давид.
7 И испрати ми кедрови дрва и кипарис и сандалово дрво од Ливан, зашто знам дека твоите слуги умеат да сечат леванонски дрвја. Ете, моите слуги ќе одат со твоите слуги,
8 за да ми подготват многу дрва, зашто домот што го градам, ќе биде голем и величествен.
9 А на дрводелците, твоите слуги, што ќе ги сечат дрвјата, ќе им дадам за храна: дваесет илјади мери пченица и дваесет илјади мери јачмен, дваесет илјади мери вино и дваесет илјади мери масло.“
10 И Хирам, царот тирски, одговори со писмо, кое му го испрати на Соломон: „Затоа што го засака Својот народ, Господ те постави за цар над него.“
11 И уште рече Хирам: „Благословен Господ, Бог Израелов, Кој го создал небото и земјата и му дал на Давид мудар син, учен и разумен, кој се готви да Му гради дом на Господ и дом царски за себеси.
12 Па така, ти испраќам човек, надарен со знаења, слугата мој Хирам-Авиј,
13 син на жена од Дановите ќерки, а од татко Тирец; тој знае да прави изработки од злато и од сребро, од бакар и од железо, од камен и од дрво, од пурпурна и сина преѓа, од висон и од багреница и да реже секаква резба и да прави сѐ што ќе му биде порачано, заедно со твоите уметници и со уметниците на мојот господар Давид, твојот татко.
14 А пченицата и јачменот, маслото и виното, што ги ветуваш, испрати ги, господаре мој, на своите слуги.
15 Ние, пак, ќе насечеме дрва од Ливан колку што треба, и ќе ги донесеме на скели по морето во Јафа, и ти ќе ги пренесеш горе во Ерусалим.“
16 И ги собра Соломон сите придојдени, што беа тогаш во израелската земја, според пописот што го беше направил татко му Давид, — и излегоа сто педесет и три илјади и шестотини.
17 Од нив Соломон определи седумдесет илјади за носачи, осумдесет илјади за каменоделци во горите и три илјади и шестотини за надгледници, за да настојуваат народот да работи.